Црква Св. Ѓорѓи

Во селото Старо Нагоричане, во близина на Куманово, се наоѓа црквата посветена на св. Ѓорѓи, чија посебност и убавина во поглед на архитектурата и фрескоживописот претставува еден од бисерите на христијанските творби на овие простори. Според текстот најден во црквата, нејзиното градење се определува во 1313 година, иако е утврдено дека е подигната врз темели на постар сакрален објект од XI век. Од првобитната црква зачувани се само ѕидовите на фасадите од камени блокови и еден сосема мал фрагмент од некогашниот фрескоживопис.

Во однос на архитектурата, црквата е трикорабна градба во форма на издолжен впишан крст, над која се издигаат пет куполи, една голема осмострана поставена во центарот и четири помали кубиња. Посебноста на црквата се состои во зачуваната првобитна олтарна преграда, односно иконостасот изработен од камени столбови, парапетни плочи и орнаментиран архитрав. Тука е забележан единствен пример на изработка на икони во фреско-техника во Македонија, со тоа што лево и десно од царските двери се претставени ликовите на св. Ѓорѓи и Богородица Пелагонитиса.

  

Неодминливото значење на овој културен и духовен споменик лежи во зачуваниот фрескоживопис, изработен од познатите зографи Евтихиј и Михајло, кои како автори се јавуваат и во црквата Св. Богородица Перивлептос, позната како охридскиот Св. Климент, манастирот Св. Никита на Скопска Црна Гора, но и во голем број објекти во соседните балкански земји. Фрескоживописот е изработен во палеолошкиот стил од XIV век, со нагласена наративност, но изразена суптилност, фино стилизирање и одмереност во изразот. Впечатливи се портретите на ктиторите на црквата, кралот Милутин и неговата млада жена Симонида. Црквата изобилува со претстави на ликови на светители, сцени од животот, страдањата и чудата на Исус Христос, како и илустрации на календари.



Изградбата на првобитната црква Св. Ѓорѓи од XI век е поврзана со легендата за пустиножителот Прохор Пчињски, кој живеел во мала пештера во близина на денешната црква. Пештерата - испосница е реконструирана и доста посетена. Црквата и објектите околу неа, како споменична целина, се дел од проектот за обновување на културното наследство во Југоисточна Европа, заедничка акција на Европската Комисија и Советот на Европа.