Камени кукли

alt

Камените кукли се неверојатен природен феномен, настанат во комбинација со ерозијата и климатските влијанија на теренот. Поради интересниот изглед на големите земјени столбови кои наликуваат на човечки фигури наредени како „скаменети свадбари“,за целата појава кај локалното население живее легендата за „веселата свадба“. Некогаш во селото имало девојка која требало да се мажи, но за несреќа нејзиниот свршеник ја оставил за друга девојка. На денот на свадбата очајната девојка ги проколнала нејзиниот свршеник и неговата идна жена заедно со сите гости кои присуствувале на свадбата и сите наеднаш се претвориле во камења. На локалитетот има над 140 кукли, а најголемо внимание привлекуваат двете огромни камени фигури, кои страсно се бакнуваат и ги претставуваат „младенците“.

alt

alt   alt

Науката вели дека камените кукли настанале со долготрајна ерозија на вулканските карпи со различна отпорност. Поцврстите и компактни карпи бавно се еродираат и ги штитат меките туфови под себе. Вака заштитени, туфовите заедно со карпестиот блок на врвот, остануваат да стрчат во релјефот во вид на столбови, односно земјени пирамиди. Во меѓувреме, долготрајните атмосферски влијанија (врнежите, температурните промени, ветрот) ги доизградиле, моделирале, модифицирале, поради што го добиле денешниот карактеристичен облик. Земјените пирамиди во централниот дел на малата депресија во подножјето на ридот Дубица се поголеми (високи до 10 м), самостојни и во вид на земјени столбови, а по страните на возвишението Забел се распоредени помали форми (високи до 5 м), блиску една до друга и често споени во подножјето.

alt

Овие процеси, кои почнале пред десетина илјади години, продолжуваат и денес, така што некои земјени пирамиди постепено се уништуваат, а други се создаваат. Со тоа, пирамидите перманентно го менуваат својот облик, само што тој процес е бавен и не може да се забележи за еден месец или една година. Како и да е, ваква "свадба" во светски рамки претставува ретка појава. Создавањето вакви земјени пирамиди или камени кукли, типични појави како во Куклица, подразбира ретка комбинација на геолошки, геоморфолошки, климатски и вегетациски услови. Затоа овој локалитет е заштитен како природна реткост.