Калин Камен

 alt

На надморска височина од 1.870 метри се наоѓа еден од најубавите врвови на Осоговските Планини, со преубави скијачки патеки, забавен парк и ловечка куќичка со вкупен капацитет од 300 легла. Во неговата околина има пријатни места за одмор и рекреација и мал спортски терен, а во 2009 година за прв пат се организираше ревијално рели за возила со погон на четири тркала. Местото е познато по живописните прошетки до познатите места покрај самиот врв Калин Камен, како што се езерата на Калин Камен, месноста Влашки колиби и Влашка мандра.

alt   alt

До месноста Калин Камен се стигнува по искачување на угорницата над манастирот Св. Јоаким Осоговски. Тука пред погледот се отвора рамнината со езерото, детскиот забавен парк, ловечката куќичка, буковата шума и ливадите над кои се извишува единствената карпа, која кривопаланчани со векови ја викаат Калин Камен. Оваа карпа ја крие легендата за убавата мома Калина, а токму легендата е една од причините поради која туристите се одлучуваат со часови да пешачат за да го видат Калин Камен. Од Крива Паланка до Калин Камен има четири часа пешачење. Според легендата толку време пешачела и убавата Калина по која карпата го добила името.

alt   alt

Месноста Калин Камен во првата половина на XIX век била позната влашка населба, значајна по одгледувањето ситен добиток, а квалитетот на овците, пастрмата и на волната ги заживеал кривопаланечките трговските врски кон Цариград и Солун. Во тоа време Крива Паланка станала силна транзитна точка и за стоките што оделе преку неа од други области на Балканот. Влашките овци, кашкавал, сирење, масло, волна и јамболии најмногу биле застапени на пазарите во Солун и во Скопје. Власите, традиционално, секоја година на 28 август дарувале по 200 овци и јагниња на манастирот Св. Јоаким Осоговски по повод неговиот празник. По Втората светска војна сите Власи се иселиле од Калин Камен во рамничарските села на Свети Николе, Штип и Куманово, од кога месноста се развива во туристичка атракција. Од влашката населба на Калин Камен денес има само по некој камен на места каде некогаш имало куќи, а насекаде може да се најдат заборавени грнци, бардачиња и садови што се користеле во населбата.