Царев Врв

alt

Како природна целина која се протега во две држави, осоговскиот планински масив зафаќа вкупна површина од 1.535 км2, од кои поголемиот дел припаѓа на Република Македонија. По својата површина е втора планина во Македонија, по планинскиот масив Јакупица (Мокра Планина). Највисок врв e Руен (2.252 м), а покрај него уште пет врвови се повисоки од 2000 м, меѓу кои и Царев Врв со своите 2.085 метри.

alt

alt   alt

Царев врв може да се освои од две страни, од кривопаланечкиот манастир Св. Јоаким Осоговски и од Кочанско преку Пониква. Ако изборот е кривопаланечкиот регион, тогаш искачувањето до Царев Врв е добар повод да се преноќи во манастирските конаци, бидејќи на планината не постои планинарски дом. Маркацијата на патеката за искачување почнува од манастирот и води преку селото Варовиште, Ловечка куќа и Калин Камен. Од Ловечката куќа до врвот се оди по ливади. Планинарската патека е долга околу 25 км во еден правец, за кои е потребно околу пет часа. Покрај патеката има повеќе извори и чешми, макар што таа се смета за просечно напорна.

alt

Од кочанската страна, маркацијата на патеката започнува од крајот на градот и, доколку се пешачи, до Пониква се потребни околу пет часа, иако до неа може да се дојде и по асфалтен пат. Од Пониква, патеката за Царев врв продолжува по широк колски пат, а потоа и по ливади. Патеката е добро маркирана, но во вториот дел од неа треба да се внимава на големиот број раскрсници. За овој дел од патеката се потребни околу пет часа. На Пониква може да се ноќева во детското одморалиште или во објектите на шумското стопанство.