Калиманско Езеро

alt

Браната е камено-насипна со глинено јадро, висока 92 м, а долга 240 м. Езерото има должина од 14 км, широко е 0,3 км, а максималната длабочина достигнува до 80 метри. Зафаќа површина од 4,23 км2 и акумулира 127 милиони м3 вода. Основната намена на езерото е наводнување на околу 28.000 хектари, главно, површини под ориз во Кочанската Котлина, но и на дел од обработливите површини во Овче Поле. Изградени се два канала, од кои десниот е долг 98 километри и ја носи водата до Овче Поле, а левиот е долг 36 километри и ги наводнува површините во Кочанското Поле. Вишокот вода се користи за производство на електрична енергија преку изградената мала хидроцентрала со инсталирана моќ од 13,8 MW.

alt   alt

Калата е единствениот остров во акумулацијата Калиманци. На само четири километри од Македонска Каменица се простираат дел од остатоците на доцноантичкиот град кој е потопен во вода. Калата е кратенка од „градот на калајот“, бидејќи од ова место се црпело злато и калај. Загревани се карпи кои имаат златоносни жици и со помош на длета тие жици се вадени и потоа претопувани. Највисоката точка од некогашниот калајски град е на 200 м од дното на Калиманска Река. Овде поминувал патот Виа Игнација. Локалитетот Калата е заштитен од три страни со стрмните падини и со двете длабоко всечени корита на двете реки. Тука се наоѓа зарамнето плато кое и денес се издига над површината на вештачкото езеро, а до каде пристап постоел само од северната страна. Таа страна е пресечена со одбранбен ров издлабен во карпа. Одбранбените ѕидини водат околу работ на целото плато и затвораат површина од 345 м со 80 м. Се распознаваат контури на три градски порти и остатоци од бројни градби. Денес Калата е најмалиот жив „град“ во Македонија. На него живеат само двајца жители.

alt

Во коритото на Калиманското Езеро, на брегот од кај селото Дулица кај местото Бегов Даб е откриена голема базилика од V век со многу материјали (керамика, колони, капитоли). Исто така, во коритото на Калиманско Езеро во Илијово кај месноста Црквиште се откриени предмети и остатоци од античка градба, на која потоа била изградена и постоела еднобродна црква со гробови од крајот на XIV или почетокот на XV век.