Беровско Езеро

alt

Езерото се наоѓа на шест километри од Берово, со езерска површина од 0,57 км². Браната со која е создадено езерото е изградена во 1970 година, со височина од 60 м, што ја прави една од најголемите лачни брани во Македонија. На патот од Берово кон езерото се наоѓа активниот женски манастир „Св. Архангел Михаил“, изграден во 1815 година.

Поради релативно високата надморска висина, овој предел го карактеризираат свежи лета и студени зими. Температурите во лето се движат од 23°С до 25°С, додека во ноќите температурата се спушта и до 12°С. Пријатната клима го прави овој крај одлично прибежиште во летните периоди од годината. Заради високата концентрација на кислород, многу посетители доаѓаат не само „да наполнат батерии“, туку и за рехабилитација.

alt   alt

Бреговите на езерото изобилуваат со бујна шума борова и листопадна шума. На зарамнините се протегаат терени со разнобојни цвеќиња, шумски плодови и разни чаеви. Поради поволната местоположба, во чистата и недопрена природа на надморска височина од 1000 метри, покрај езерото се изградени голем број туристички капацитети. Езерото овозможува спортски риболов, а на крајбрежјето има ресторан, туристички бунгалови и детско одморалиште. Долж езерото се протегаат голем број вили за изнајмување, прекрасни терени за излет, рекреација и спортови, а во атрактивните излетнички места Абланица и Суви Лаки може да се ноќева само во приватните вили и викендички. Во последно време езерото масовно го посетуваат организирани странски туристи.

alt   alt

Во Беровско и Малешевијата се приготвуваат многу традиционални лекови од природни состојки за разни болести. Од овој предел не може да си заминете без боровиот сируп или мед, лек за болести на дишните органи. Поради изобилството на зеленило, ливади и пасишта, како и чистиот воздух, беровското сирење е надалеку познато по својот врвен вкус.