Црква Св. Троица

alt 

Камен-темелникот на Соборниот храм Св. Троица во Радовиш е поставен во 1997 година, а осветувањето се случи по шест години. Собира 600 верници и претставува една од најубавите цркви на Балканскиот Полуостров изградени во поново време.

Според архитектонската концепција, Соборниот храм Св. Троица припаѓа на типот еднокорабни цркви со развиен впишан крст во правоаголно пространство и сводна куполна партија проектирана во византиски стил. На пресекот на краците на крстот се развива голема купола на десетостран тамбур и четири помали куполи на просторите меѓу краците.

alt   alt
Самиот храм зафаќа површина од 550 м2, поставен на локација од 4000 м2, со партерно уреден простор околу црквата, камбанарија, паркиралиште, фонтана и чешма. Црквата е висока 21 м, а камбанаријата 23,5 м. Главниот влез на црквата се наоѓа на западната страна, силно потенциран со отворен трем со колонада од четири столбови, на кои се носат три паралелни свода.

alt   alt

Целокупната фасадна обвивка е класична ѕидарија по примерот на старата градителска традиција со видливо присуство на второстепена пластика во архитектурата. На покривот на објектот за прв пат во Македонија е применета постапката на патинација на бакарот со употреба на соодветен хемиски премачкувач. Подниот мозаик е оформен од разни видови мермер и травертин. Фрескоживописот е дело на украински, руски и македонски мајстори зографи.

alt