Римска терма во Банско

alt 

Бањата претставува термоминерално лекувалиште од античко време и еден од ретките сочувани римски споменици од ваков вид во Европа. Се наоѓа на околу 12 километри источно од Струмица, во подножјето на планината Беласица. На површина од 1000 м2 се откриени десет простории, чии ѕидови се зачувани во височина од 2 до 6,7 метри.

Термата имала простории за соблекување, сауна, базени со топла и студена вода. Ги користела термоминералните води од изворот Парило, 50 метри јужно од бањата. Најверојатно потекнува од III век, од времето на римскиот император Каракала, кој бил познат по подигањето и обновувањето терми низ Империјата.

alt   alt

Постојат вкупно пет термоминерални извори, од кои само еден, најголемиот, е стручно каптиран. Тој се слива во главната бања наречена „турско купатило“, а другите четири слободно се излеваат без посебна каптажа. Температурата на водата во главниот извор кој го снабдува „турското купатило“ е на околу 71 степен и не се менува во текот на годината, што докажува дека водата потекнува од голема длабочина, без атмосферски влијанија. Бањските води се сметаат за лековити за најразлични заболувања, во прв ред ревматични.