Цареви кули


alt

На познатиот локалитет Цареви кули над Струмица во најново време е откриена археолошка ризница со доста растеглива старост - од праисториско време до средниот век. Според мислењето на некои археолози, тоа би можеле да бидат остатоци од античкиот град Астраион, кој во писмените документи за прв пат се споменува во 183 година п.н.е. и е претходник на ранохристијанскиот Тивериопол и на денешна Струмица. Сепак, сите досегашни наоди, заедно со откриена предисториска населба, недвосмислено укажуваат дека на овој локалитет опстојувале разни цивилизации во период од околу седум илјади години.

alt   alt

Цареви Кули, со своите дебели бедеми, претставуваат споменик за падот на средновековната македонска држава на Цар Самуил во 1018 година. Тврдината е изградена на зарамнето плато на врвот од ридот, кој мошне стрмно се издига над Струмица на надморска височина од 445 метри, од каде е можна прегледност над целата Струмичка Котлина, што овозможувало едновремена контрола од тврдината над трите влеза во градот. По рабовите на платото се наоѓаат остатоци од одбранбен ѕид, од кои западниот во должина од четириесетина метри е добро видлив и денес. Постојат уште неколку бедеми кои се протегаат на северната страна во неколку појаси, кои најверојатно допираат до самата Струмица. Главниот влез се наоѓал на јужната страна и бил фланкиран со две правоаголни кули, од кои југозападната и денес е сочувана.

alt   alt

Во тврдината се пронајдени византиски монети кои датираат од XII и XIII век. Tука се откриени шест фрагментарно мегарски чаши од хомеровски тип, мошне ретки на овие простори, кои потекнуваат од III или од II век п.н.е. На овој археолошки локалитет се откопани и антички монети од времето на последниот македонски цар Персеј, како и фрагменти од средновековен фрескоживопис од XII и XIII век. Во поново време, во Цареви кули се откриени и наоди од периодот на владеењето на Филип Втори Македонски. Пронајдени се монети со ликот на Филип II, потоа амфори, садови, кантароси, накит, фрагменти од сликани вазни, црнофиносувана керамика, фигури од малоазиски тип и други артефакти, кои укажуваат на тоа дека Струмичката тврдина била активно живеела кон крајот на четвртиот век пред нашата ера.