Манастири во Вељуса и Водоча

alt

На седум километри од Струмица се наоѓа селото ВЕЉУСА, каде на една бигорна карпа, монахот Мануил подигнал манастир во 1078 година и го посветил на Богородица. Манастирската црква до денешно време ја зачувала оригиналната архитектоника. Во времето на градењето на црквата, селото се викало Палеокастро, но подоцна според манастирот го добило денешното име - Вељуса (од Елеуса). Манастирот лично го посетил и византискиот император Алексеј I Комнен и бил восхитен од неговата убавина. Некогаш овој манастир бил машки, а во Водоча имало сестринство, додека денес е обратно.

alt   alt
Според изворно богатата историска документација зачувана за овој манастир (достапна во Светогорскиот манастир Ивирон), црквата Света Богородица Милостива (Елеуса) го зазема едно од најзначајните места во црковната и културната историја не само во југоисточниот дел на Македонија, туку и на Балканот.

alt   alt

Живописувањето на црквата е изведено во три временски периоди. Во олтарот, подкуполниот простор во наосот и ѕидовите, конхите и капелата тоа се одвивало во 1085 година, тремот датира од 1164 година, а наосот од XIX век, со доста локални сликарски призвуци. Изградбата на Вељушкиот храм е карактеристична по претенциозните желби на неговиот основач: не со димензиите, туку со ликовните вредности и раскошната ризница од скапоцени уметнички творби да ги надмине сите постојни уметнички остварувања на црквите во струмичката средина.

 

 

alt

Комплексот цркви Св. Леонтиј се наоѓа во селото ВОДОЧА, на четири километри од Струмица. На локалитетот се сочувани три цркви (источна, западна и средна), со три фази на живописување во ентериерите, архитектонски остатоци, придружни објекти и манастирски комплекс, трпезарија, стопански објекти, две бањи и повеќеслојна христијанска некропола од VII век до IX век. Источната, трикорабна куполна црква, била епископска. Оваа црква била оштетена во Самуиловиот период, а подоцна повторно обновена. Во периодот од 1018 до 1037 година изградена е западната, мала крстовидна куполна црква посветена на Св. Богородица Елеуса и Воведение. Во струмичкиот крај во овој период постоеле три цркви посветени на Св. Богородица Милостива (Елеуса) - Воведение во Водоча, втората во Вељуса и една во Струмица од XII-XIII век. Со археолошките истражувања во манастирскиот комплекс во Водоча се откриени преку 1000 гробови со накит и керамика од XIV до XIX век.

alt   alt

Живописувањето на ентериерот на водочкиот комплекс цркви се одвивал во три временски периоди - во X, XI и XII век. Иако фрагментарно сочуван, поседува високи ликовни квалитети, а во сликарскиот израз се присутни влијанија од античката ликовна традиција и отпори кон влијанијата од тогашните византиски стилско-ликовни струења од Цариград и Солун, со желба за раскинување со византиските сликарски принципи.

alt   alt

Во оштетениот фрескоживопис во западната водочка црква посветена на Богородица Елеуса и Воведение присутни се нови идни настојувања на балканската византиска уметност. Сликарството во оваа црква се карактеризира по издолженоста на телата и цврстата моделација на главите на светителите. Насликани во периодот од 1018 и 1037 година, фреските од Водоча се вбројуваат меѓу ремек-делата на средновековната уметност во византиското сликарство воопшто.