Негорски Бањи

alt

Податоци за благотворното дејство на минералните води од Негорските Бањи постојат уште од далечната 1864 година. За разлика од повеќето бањи во Македонија кои потекнуваат од римскиот период, се смета дека оваа бања прв почнал да ја експлоатира Шукри-паша, кој овде прв изградил два базена за капење. Научните докази за лековитоста на водата датираат од 1950 година, кога е формирано бањското лекувалиште.

Денес, Негорски Бањи се центар за продолжен третман и рехабилитација во модерно опремени простории за сите видови терапија од областа на физикалната медицина и рехабилитација. Се наоѓаат под југоисточните падини на планината Кожуф, 5 км северозападно од Гевгелија, на надморска височина од само 59 метри. Таа е најниската бања во целата наша земја. Овде се наоѓаат два извора - Врела Бања со температура од 40°С и Студена бања со температура на водата од 38°С. Водата во својот состав содржи калциум, магнезиум, рубидиум, цезиум, радон и други минерали. Сместувачките капацитети во бањскиот комплекс располагаат со вкупно 336 легла, во кои се наоѓаат и два покриени и неколку базени под отворено небо.

alt   alt

Сместени во подножјето на планината Кожуф, меѓу богата јасенова шума која формира природен парк, Негорските Бањи располагаат и со 36 хектари густа и убава шума во својата околина.