Кожуф

alt

Највисок врв на планината Кожуф, која се наоѓа на границата меѓу Македонија и Грција, е врвот Зеленбег, висок близу 2.200 метри. До доцните 80-ти години од минатиот век местото било напуштено, а низ планината се движеле само овчари, кои на коњи се пробивале до планинските бачила, јавајќи по стари воени патишта од Првата светска војна.

Денес, на само 210 км од Скопје и 130 км од Солун, на површина од 2.000 хектари, на Кожуф се наоѓа најновиот ски-центар во Македонија, чија изградба започна во 2001, а целосно треба да биде довршена до 2011 година. Центарот е најсовремено опремен и располага со одлични услови за скијање. Моментално располага со два ски-лифта со капацитет на носење по 3.000 скијачи за еден час до врвот на жичарницата, еден шестосед кој единствен од таков тип на Балканот, ресторан, бачило, 16 апартмани и 16 км скијачки патеки. Овој центар е единствен во земјата кој располага со опрема за вештачки снег.

alt   alt

Погледот од врвот не допира до низината и се заробува со ниските натежнати облаци. Некаде се создаваат облаци како острови среде море. Величествена тишина од која и ушите болат. Чистиот воздух, сонцето и природните убавини се она што најмногу ги пленува посетителите на Кожуф. Пространите скијачки терени без шуми подготвувани речиси шест години, местоположбата и природните ресурси со кои располага планината Кожуф гарантираат дека овој ски-центар ќе стане нова атрактивна зимска туристичка дестинација во Македонија.

alt

Освен во зимскиот период, Кожуф е примамлив и во останатите периоди од годината. Кожуф нуди одлични услови за историски туризам, планински велосипедизам, јавање коњи, параглајдерство, пешачење и лов, а браната на реката Точница е предвидена за риболов и кајак.