Полошки манастир

 alt

Нема сомнение дека Полошкиот манастир е еден од најзначајните културно-историски споменици во Република Македонија. Манастирот претставува бисер на македонската средновековна уметност. Изграден е во првата половина на XIV век, на 20 километри југозападно од Кавадарци во подножјето на планината Вишешница, денес на левиот брег на Тиквешкото Езеро.

Црквата, осамена во прекрасно уредена цветна градина, е градена во форма на еднокорабна градба, со купола врз осмостран тамбур и тристрана апсида од надворешната страна. Објектот е ѕидан од камен и тула, со наос и припрата. Внатрешноста на црквата е во целост живописана. Позната е по својот фрескоживопис од XIV  век, а уште повеќе по полиелајот (црковен лустер) резбан во дрво од 1492 година, што претставува најстара датирана резба во Македонија.

alt

Мошне импресивен е и големиот иконостасен крст со распетие изработен од резба во дрво од 1584 година. Од голема вредност се и престолните икони на Св. Богородица од 1649 година и „Исус Христос - спасител со апостоли“ од почетокот на XVI век, како и царските двери од крајот на истиот век.