Велешко Кале

alt

Велешкото кале е тврдина на 2 км јужно од Велес, во речниот теснец на устието на Тополка во Вардар, изградено во вид на издолжено плато, горе сосем зарамнето и со стрмни падини, високо 50-60 м над реките. Во јужниот дел на платото се издига мало возвишение, на кое во доцноримско време била изградена мала крајпатна стража. Во текот на V и VI век таа била обновена во силна акропола, зајакната со неколку кули и бастиони. Платото северно од неа со големина 350 х 80 м било обѕидано заради сместување на населението. Во текот на X век, Велес станал црковно и регионално средиште, поради географската врска меѓу Средното и Горното Повардарие, Пелагонија и Брегалница. На калето било изградено ново обѕидие во должина од дури 470 м, поставено надвор од постарите остатоци, но паралелно со нив и зајакнато со повеќе кули и масивни бастиони. Деловите на источниот градски ѕид постојат и денес во височина до 8,5 м.

alt   alt

Според најновите истражувања, локалитетот треба да се датира од времето на енеолитот, околу 2500 години пред новата ера, што значи дека во тој дел на реонот на Азот има континуитет во живеењето повеќе од четири илјади години. Пронајденото живеалиште од дрвена конструкција облепена со лепеж, која потекнува од времето на енеолитот, веќе не го класифицира локалитетот како антички. Пронајдени се керамички садови, огништа, јами што служеле како резервоари за вода, мелници, фигурини и резервоари за храна.

alt   alt

Десеттината пронајдени и истражени гробови и гробишната црква, кои потекнуваат од XII до XIV век, во времето пред да дојдат Турците, ја означуваат последната фаза од живеењето на овој простор. Во XIV век тука биле изградени црквите Св. Недела, Св. Димитрија и Св. Никола. Турците основале нова населба, два километри северно од христијанското гратче, а на калето оставиле мала воена посада. Останало да живурка само подградието и во XIX век таму стоела само уште една куќа. Денес функционираат само трите спомнати цркви, а околу Св. Димитрија е изграден манастирски комплекс. Калето денес е важен археолошки пункт на праисторијата на Балканскиот Полуостров од крајот на бронзеното време.