Тиквешко Езеро

alt 

Тиквешкото Езеро се наоѓа на Црна Река, 12 км југозападно од Кавадарци, односно 3 км јужно од селото Возарци. Езерото е создадено во 1968 година со преградување на кањонот на реката со брана висока 104 м, изградена од нафрлан камен со глинено јадро, чија должина изнесува 338 м. Зафаќа површина од 14 км2 и должина од 29 км. Вкупната бруто-зафатнина во езерото изнесува 475 милиони м3 вода.

alt   alt

Водата од Тиквешкото езеро се користи за наводнување и за добивање електрична енергија. Наводнувањето се врши преку хидросистемот „Тиквеш“, а во близина на браната е подигната истоимената хидроцентрала. Преку наводнувањето, езеро овозможи Тиквеш од најсушна област во државата да прерасне во зелена оаза на непрегледни плантажи под лозја и овоштарници.

alt

При зголемени дождови езерото го зголемува водостојот, што може да доведе до излевање, а неретко и до поплавување на околните викендички. Поголемо количество од водата во текот на летниот период се испушта во Вардар, со цел да не дојде до еколошка катастрофа на фауната поради нискиот водостој. Езерото е богато со риба, при што особено се истакнува сомот, кој може да достигне должина над два метра.