Прилепски тутун

alt

Многу од големите светски производители на цигари го користат прилепскиот тутун откако ќе се обработи во нивните локални фабрики. Кога во Прилеп бил основан Институтот за тутун заради креирање нови видови тутун, тоа било прв пример за примена на генетиката во земјоделството на Балканот. Повеќето жители на Прилеп опстојуваат со производство на тутун, кој потоа се откупува од Тутунскиот Комбинат во Прилеп.

alt   alt

Тутунот може да се бере на два начина. Според најстариот метод, целото стебло се сече со закривен нож. Во XIX век, светлолисниот тутун почнал да се бере лист по лист, од долу нагоре, како што зреат листовите. Така стеблата доживуваат неколку берби (кинења) пред да бидат конечно обрани. Вака листовите се ставале на санки кои ги влечеле мулиња. Подоцна за оваа намена почнале да се користат трактори, кои ги превезувале листовите до направата т.н. „нижачка“. Некои земјоделци користат трактори со приколки (берачки), каде качените работници ја делат работата на кинење, нижење и врзување на тутунот, обично во групи по десеттина луѓе.

Традиционалниот начин на производство на тутун во голем дел се задржал во Прилепско. Тутунските полиња не се места за прошетка, но затоа прилепските домаќини секогаш се гостопримливи кон намерникот кому ќе му остават впечаток широките жолти тутунски низи распослани низ целиот крај.