Со цел да се зачува традицијата на античкиот театар, со изведба на антички театарски текстови на древната сцена во Стоби, од 1992 година, на иницијатива на актерите при велешкиот театар, во летните периоди се одржуваат претстави во античкиот амфитеатар. Од 2001 година оваа традиција прерасна во меѓународен фестивал на античка драма, кој секоја година привлекува поголем број театарски уметници од светот.
 


Фестивалот е атракција не само за велешани, туку и за љубителите на театарот од целата држава, за што сведочи огромниот број посетители, кој се движи од 2.500 до 30000 по претстава. На фестивалот традиционално се доделува награда за најдобра претстава, награда за режија, како и награди за најдобри актери. Древната сцена во Стоби е особено привлечна за театарските уметници поради можноста за креација на вистински спектакли во древниот амбиент на античкиот амфитеатар и оживување на текстовите на Софокле, Аристофан, Еврипид и други антички автори.