Струшките вечери на поезијата се започнати во 1962 година, со серија читања на група македонски поети во чест на браќата Константин и Димитар Миладинов, големи интелектуалци, учители и писатели, родени во Струга во почетокот на XIX век. Константин Миладинов се смета за зачетник на модерната македонска поезија и секоја година фестивалот официјално започнува со неговата незаборавна поема “Т’га за југ”, напишана за време на неговиот студентски престој во Москва.

 


Од 1963 година, кога и голем број поети од сите тогашни југословенски републики му се приклучија на фестивалот, се воспостави наградата „Браќа Миладиновци“, за најдобра поетска книга издадена во Република Македонија меѓу два фестивала. Во 1966 година, Струшките вечери на поезијата прераснаа во меѓународен поетски настан, и следствено, се воспостави меѓународна поетска награда наречена „Златен венец”, која се доделува на светски познат жив поет за неговиот поетски опус или животно дело од областа на поезијата.   
 




www.svp.org.mk >>