Солунска Глава

alt

Солунска глава всушност претставува врв на планината Јакупица со надморска височина 2.540 м. Алпинистички објект е јужната страна на врвот, која претставува амфитеатар со широчина од околу 5 км и височина од 500 до 1.000 м. На јужната карпа на Солунска Глава се разликуваат два дела: еден помасивен и покомпактен свртен кон југозапад и друг свртен кон југоисток.

Должината на карпата изнесува од 250 до 700 метри. По состав е варовник со кршливост која варира во различни делови. На карпата има околу дваесеттина алпинистички насоки со многу слаба заштита. Најголемите проблеми во оваа огромна карпа сеуште го чекаат своето реализирање. Карпата се карактеризира со чести врнежи, а температурите во летниот период се соодветни на големата надморска височина. Со целиот амбиент, квалитетот на искачувањата, приодот и слегувањето од карпата, Солунска Глава многу потсетува на карпите од долината Тамар или Северната Триглавска карпа во Словенија.

alt

На Солунска Глава може да искачуваат само добро подготвени алпинисти, заради тоа што карпата има комплициран приод по див и непристапен кулоар во време од три до пет часа од најблискиот планинарски дом. Симнувањето од карпата е по лесен планински терен за околу два до три часа до домот Чеплес. Најдобар период за качување е од почетокот на јуни до крајот на септември.