Манастир Свети Наум

alt

Подигањето на овој манастир е поврзано со името на Наум, соработник на Климент, двајцата едни од најпознатите просветители на македонскиот народ.. Наумовиот манастир со црквата Свети Архангел, како и Климентовиот манастир со црквата Свети Пантелејмон во Охрид, се првите споменици на словенската црковна архитектура и уметност во охридскиот крај. Наум, пред крајот на својот живот, го основал манастирот Св. Архангел и во 910 година и во него е погребан. Црквата е градена со основа во облик на триконхос (лист на детелина).

 alt

Околу
X до XIII век Наумовата црква била потполно урната. Дури во XVI век на нејзините темели е подигната сегашната црква, доградувана и проширувана во неколку фази. Во втората половина на XVIII век била изградена куполата над припратата на црквата, а последното значајно обновување било извршено кон крајот на XVIII век, односно во 1799 година. Во натписот, што се наоѓа над западниот влез однатре се споменува дека живописувањето на црквата станало за време на игуменот Стеван во 1806 година. Тогаш е живописана и капелата со Наумовиот гроб.

alt   alt

Утврдено е дека промените во изминатиот период биле од таков карактер што наполно го измениле изгледот на Наумовата црква. Сегашната црква има форма на впишан крст во квадратно пространство со купола, поставена на четири столбови. Гробницата на Наум е посебна зграда со широка и ниска купола.


alt

Манастирот и неговата внатрешност се тивко место за одмор и прошетка, а заедно со неговата околина, целиот крај плени со мирната убавина на бисерно проѕирна вода од изворот на Црн Дрим, како едно од најчистите места на охридското крајбрежје.