Самуилова тврдина

alt

Охридската тврдина, заштитен знак на Охрид, претставува еден од најголемите средновековни градови на територијата на Република Македонија. Со своите утврдувања и ѕидини го зафаќа целиот охридски рид. Од сите страни, со исклучок на јужната, која е свртена кон езерото, ридестиот дел на градот бил заштитен со високи ѕидови и кули во должина од три километри, сè до близината на охридското пристаниште. Во стариот дел на градот се влегувало низ три порти, од кои зачувана е само Горна порта.

alt

alt

Тврдината, покрај функцијата за одбрана од непријателот, служела и за живеење. Таа е позната под називот Самуилова крепост. За време на владеењето на царот Самуил од 976 до 1014 година и неговите наследници до 1018 година, Охрид бил престолнина на првата држава на Македонските Словени. Тогаш обновената тврдина го зачувала својот монументален урбанистички костур.

alt

Денешната форма на тврдината потекнува од времето на Самуил, макар што и по него постојат податоци за разурнувања и повторни поправки на тврдината од страна на Турците и Византијците. Под делумно урнатиот надворешен слој во внатрешните ѕидови се забележуваат хоризонтални слоеви од тули со византиски формат. Во ѕидовите на горната порта вѕидани се многу камења со грчки натписи кои потекнуваат од античките згради со какви што овој терен е преполнет.