Плажи на Oхридската ривиера

alt   alt
Горица
се наоѓа на само четири километри од Охрид и, според многумина, тоа е најатрактивната локација на Охридското Езеро, која може да ви пружи максимална приватност и удобност. Целото опкружување дава чувство на спокој, плажата е заградена со високи карпи, а местоположбата на истоимениот хотелски комплекс дава идеален поглед на целата охридска ривиера. Хотелот е со пет ѕвезди и ги задоволува префинетите вкусови на сите туристи, особено на најпребирливите.


alt   alt
Славија
се наоѓа на четири километри од Охрид во месноста Свети Стефан и се состои од два хотелски објекта, „Орце Николов“ и „Славија“. Хотелот „Славија“ е од висока Б-категорија, со аперитив-бар, продавница за сувенири, сопствена плажа и паркинг-простор, а поголемиот дел од собите имаат поглед на езерото. Ова е една од најфреквентните охридски плажи, секогаш уредена и чиста. Најголема атракција на плажата претставува75-метарскиот тобоган, а тука се и популарните педалини.


alt   alt
Метропол и Белви се наоѓаат на осум километри од Охрид, на само 100 метри од езерото. Двата хотели се познати по модерно опремените соби со поглед на езерото. Располагаат со спортски терени, куглана, базени, сала за конференции и состаноци, сауна, хелиотерапија, казино, фитнес.


alt   alt
Лагадин
, со своите 285 метри на потегот од реката Суводолица до хотелот „Два бисери“, е најдолгата плажа на Охридското Езеро. Се одликува со оригиналните лежалки што ги нема на другите плажи, а посебна атракција е платформата на која треба предвреме да се резервира место. Во едниот дел од плажата, преку ден се организираат разни забави со снег-пена, дожд и балони. На плажата има посебно место за паркирање на скутерите и глисерите на гостите. Другиот дел од плажата е наменет претежно за релаксација, пијалак и муабет, за одмор без журки и забави во класичен амбиент.


alt   alt
Елешец е авто-камп на околу 10 километри од Охрид. Располага со 700 легла во бунгалови и камп-приколки. Има можност за престој со сопствени камп-приколки и шатори. Во рамките на кампот работи самопослуга.


alt   alt
Пештани
се наоѓа на самиот брег на Охридското Езеро, оддалечено околу 10 км од Охрид. Тоа е најголемото населено место на ривиерата, опкружено со недопрена природа. Во околината на населбата има седум цркви. Најзначајна е пештерската црква посветена на Св. Богородица, подигната во близина на селото во карпите на источниот брег на езерото. Црквата воодушевува со својот фрескоживопис, кој носи повеќе карактеристични елементи на охридската сликарска школа од XIV век.

На само неколку минути од Пештани се наоѓа новоотворениот музеј на вода. Овој музеј содржи реконструиран дел од праисториска наколна населба од XII до VII век пред новата ера, која се наоѓа во вода поставена над платформа што ја држат дрвени колци. Во овој музејски објект се поставени пронајдените остатоци во водата од живеалиштето, нуркачка база и реконструирани тврдини од римски логор од II век.

Постојат голем број ресторани во кои може да се пробаат врвни национални јадења и риба подготвена на автентичен локален начин, да се ужива во специјалитетите на врвните кулинарски мајстори и сето тоа да се залие со квалитетни домашни вина. Бројните кафе-барови го прават ноќниот живот во Пештани уште побогат и поинтересен до доцните ноќни часови.


alt   alt
Десарет е хотелски комплекс на 12 километри од Охрид, на самиот излез од населбата Пештани. Располага и со девет посебни вили. Хотелот има два ресторани, конгресна сала, летна тераса, грил-ресторан, сопствена плажа, паркинг-простор и спортски терени за тенис, ракомет, мал фудбал, сала за пинг-понг, куглана, ноќен бар и казино.


alt   alt
Градиште е составено од неколку плажи, кои овозможуваат денски забави и ноќни журки. Најинтересен е црниот апартман што се наоѓа на највисоката точка на плажата, а на самата плажа се организираат дневни забави со амбиентална, бразилска, латино и чилаут-музика, како и диџеј-забави со етно-музика, психоделичен даун, транс. Може да слушне и џез-музика, се организираат промоции на домашни и странски музичари, а на самата плажа има дури и книжарница. Преку ден се организираат натпревари, качувања по карпи и други забави. Плажата е уредена по европски стандарди. Ако некој тука остане цел ден, нема причина да не биде дел и од ноќните журки.


alt   alt
Љубаништа
е авто-камп на околу 30 километри од Охрид, веднаш под истоименото село, простирајќи се на површина од околу 10 хектари. Располага со 100 стационирани камп-приколки со 400 легла, како и локации за 2.000 кампери. Во кампот има ресторан, самопослуга, грил-киоск, продавница за прехранбени производи и сопствена песочна плажа од 1.500 метри. Љубаништа е последното село на македонска територија пред границата со Албанија. На оддалеченост од околу два километри од него се наоѓа манастирскиот комплекс Св. Наум и изворите на Црн Дрим, со голема историска, културна и туристичка вредност за целата држава.


alt   alt
Трпејца е посебно убаво место поради многуте мали песочни плажи, до кои може да се дојде само со кајче. Распослано меѓу Охридското Езеро и Галичица, со бисерно бели плажи и бистра проѕирна вода, Трпејца е вистински туристички рај, кој се развива во елитен туристички центар. Се наоѓа на дваесеттина километри од Охрид, во срцето на Националниот парк Галичица. Селото е старо десеттина века, а според една од легендите, името Трпејца доаѓа од зборот „трпеза“, поради тоа што некогаш аџиите на пат за манастирот Св. Наум застанувале во селото и во чест на многуте монаси што живееле аскетски живот поставувале трпеза.