Манастир Св. Богородица Пречиста

alt

Манастирот Св. Богородица Пречиста е изграден во 1316 година. Сместен е на планината Цоцан, на надморска височина од 920 метри. Во 1558 година, сараценските одреди во служба на турскиот султан до темел го горат манастирот,а монасите успеваат да се спасат преку подземни тунели. Манастирот имал печат од 1763 година. Во 1848 година биле запалени сите манастирски книги кои моментално се нашле таму, по наредба на дебарскиот грчки митрополит Мелетиј. Покрај тоа, богослужбата продолжила да се одржува на словенски јазик.

Во состав на манастирот постоело и училиште за свештеници и учители. Се мисли дека токму во овој манастир учеле Кирил Пејчиновиќ и Јоаким Крчовски. Првиот македонски архиепископ на возобновената древна Охридска архиепископија, г. г. Доситеј, монашката одежда ја облекол токму во манастирските ќелии на Св. Богородица Пречиста.

alt     alt

Сегашната црква датира од 1850 година. На новиот величествен храм работеле мијачките мајстори од тајфата на Дичо Зографот. Фрескоживописот го одзема здивот со својата убавина. Но, овој манастир е посебен по многу нешта. Всушност, тој е свет храм на сите верници, затоа што внатрешноста на црквата е така направена за да можат под ист покрив да се собираат и христијаните и муслиманите, кои подеднакво ја почитуваат. Еден негов дел не е фрескоживописан и служи за верниците кои не се христијани и во него е дозволено да се молат и муслимани.

alt     alt     alt

Денес манастирот Света Богородица Пречиста е женски манастир. Негов ден е 21 септември - Мала Богородица, Денот на Рождеството на Мајката Божја. Во чест на овој празник, вечерта на 20-ти септември се собира многу народ.