Меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, што се одржува секоја година во Битола, е организиран од Друштвото на филмски работници на Република Македонија. Секоја година, Фестивалот се одржува под покровителство на претседателот на Република Македонија и е поддржан од Министерството за култура. Фестивалот е атрактивен како за филмските професионалци, така и за вљубениците во филмот од целиот свет.

Стожер на фестивалската програма е „Камера 300“ - официјалната компетиција на долгометражни филмови од најновата европска и светска продукција. Директорите на фотографија на филмовите кои учествуваат во оваа програма се натпреваруваат за Златна, Сребрена и Бронзена Камера 300. Тоа се официјални фестивалски награди што ги доделува интернационално жири составено од пет члена.
 


 

Покрај официјалната компетиција, дел од Фестивалот припаѓа на Програмата на краток филм, која нема натпреварувачки карактер и прикажува селекција од најдобрите остварувања на филмската продукција од последните две години. Во рамките на Фестивалот, како придружни настани се организираат работилници, семинари, дебатни сесии, изложби.
 


 

Фестивалот доделува и Награда за животно дело „Златна Камера 300“, што е резервирана за водечките кинематографи во светот. До сега, лауреати во клубот на великаните се: Виторио Стораро, Вадим Јусов, Раул Кутар, Тонино Дели Коли, Мирослав Ондричек, Анри Алекан, Фреди Френсис, Јиржи Војчик, Свен Никвист. Од 2002 година, Фестивалот член е на Европската координација на филмски фестивали.

www.manaki.com.mk >>