Китино кале

 alt

Податоци за постоењето на оваа тврдина има од раната антика, кога Кичево (Ускана) бил пограничен град на Македонската империја. Во облик во кој постоела до пред помалку од 150 години, тврдината датира од римско време. Во византиско време градот бил добро утврден и претставувал значаен воено-административен и трговски центар. Се знае дека тука престојувал и српскиот цар Урош II во 1320 за време на српско-византиските војни, по што византиските војски го напуштаат градот. Понатаму, потпаѓа под српска власт, сè до 1385 година, кога го заземаат Турците. Народната легенда вели дека во дворецот на Калето живеела Кита, една од сестрите на Крали Марко, по која Калето и градот го добиле името. Кичево во тоа време го викале Китинград. Околу 1850 година ја губи својата улога, по што на околното население му е дозволено да го користи каменот од тврдината за градба на објекти.

alt   alt

Се претпоставува дека тврдината имала три бедеми. Надворешниот бедем го окружувал градот, а двата останати служеле за одбрана. Последното ниво било каде што денес се наоѓа спомен-костурницата. Таму бил и дворецот. Не се знае каде е третиот бедем. Портата на последното ниво и денес се познава и се наоѓа на скалите пред паркчето. Сеуште стои и една од кулите. Тука се најдени и пари од времето на Александар Македонски и Јустинијан. Останатиот дел е релативно сочуван и се наоѓа под земја.

На платото од Калето сега е останата само основата. Во текот на 1968 година тука е направена спомен-костурницата посветена на паднатите жртви во текот на Втората светска војна. Во тој период Калето повторно станува центар на градот. Пријатно место за рекреација и дружење преку денот и за вечерни забави.