Шар Планина

alt

Шар Планина изобилува со високо планински пасишта и високо стеблести четинарски шуми, од кои најзастапени се високата ела и смреката. На Шара се среќаваат над 200 ендемични растенија, што е највисок процент на ендемизам во Македонија. Застапеноста на фауната е исто така голема. Надалеку познат е шарпланинецот кој е ендемски вид и гордост на Шар Планина и Македонија.

Посебна карактеристика на Шар Планина се т.н. Шарпланински Очи, кои всушност претставуваат голем број глацијални езера. Станува збор за 25 постојани, 14 повремени и преку 150 локви. Водениот потенцијал на овој масив е огромен и брои преку 200 извори на чиста изворска вода.

alt      alt

Попова Шапка е најпознатиот зимско - рекреативен центар во Република Македонија. Се наоѓа на надморска височина од 1780 метри. Располага со извонредно поволни терени за скијање и санкање кои се поврзани со жичарница и ски-лифтови. Од Тетово до Попова Шапка може да се стигне на два начина. Преку жичарницата која е долга 6 км, тргнува од Тетово во близина на Арабати-баба теќе и за неполни четириесет минути ве води на Попова Шапка. Вториот начин е по асфалтиран пат долг 18 km.