Радика

alt

Радика е типична планинска река со брзаци и водопад, со бистра вода богата со прочуената радичка пастрмка. Извира на 2200 метри надморска височина. Од изворот до утоката во Дебарското Езеро е долга 67 км. На овој пат таа прима четири притоки: Рибница, Мавровска, Жировничка и Мала Река.

Радика е бисер меѓу реките Македонија. Има чиста, бистра и студена вода со изглед на темнозелена боја што е последица од калциум карбонатот во неа. Долината на Радика е една од најатрактивните и најживописните кањонски долини во нашата земја. Кањонот го градела милиони години, пробивајќи се меѓу планинските страни на Бистра и Стогово на Исток и Кораб и Дешат на запад. Околината на Радика изобилува со богат растителен и животински свет.

alt   alt   alt

По долината на реката Радика од дамнешни времиња населението се занимавало со изработка на предмети од дрво украсени со резба, а куриозитет на долината на Радика претставува народната оригинална архитектура на селските куќи во Битуше, Јанче, Гари, Лазарополе. Непосредно над брегот при утоката на Радика во Дебарското Езеро се наоѓа бањата Косоврасти, познато лекувалиште за ревматски заболувања. Топлите 48 Целзиусови степени сулфурни и радиоактивни води уште повеќе ја зголемуваат привлечноста кон Радика.