Мустафа-пашина џамија

alt

Мустафа-пашината џамија се наоѓа на потегот помеѓу Куршумли ан, црквата Св. Спас и Кале и претставува еден од најубавите исламски споменици во Скопје. Бил подигнат во 1492 година од страна на скопскиот заповедник Мустафа Паша, кој бил везир на султаните Бајазит II (1481-1512) и Селим I (1512-1520) и извршувал високи државни функции во Отоманската империја. Неговото име сеуште стои врежано на плочата над влезната врата во храмот.

Мустафа Паша поседувал голем имот во Румелија (тогашниот назив на областа Македонија) и четири села во околината на Скопје: Булачани, Батинци, Раштак и Црешево. Во Скопје, од сопствени средства, изградил џамија и месџид, а во џамијата имарет и станбени објекти во кои живееле духовните лица.

alt   alt

Денес комплексот на Мустафа-пашината џамија го сочинуваат џамијата, турбето на Мустафа Паша, саркофагот на неговата ќерка Уми, шадрванот, неколку надгробни нишани, како и остатоци од некогашните имарет и медреса.