Стара скопска чаршија



Скопската чаршија настанала и се развивала на просторот од Камениот мост до Бит-пазар и од Калето до реката Серава. Уште во доцниот среден век овде се одвивала целокупната стопанска дејност на градот. Чаршијата настанала во XI и XII век. Доаѓањето на Османлиите значело продолжување и проширување на веќе востановената традиција.

alt   alt  

Во периодот од XVI до XVII век Чаршијата го достигнала својот урбан и стопански зенит, развивајќи се во една од најголемите и најзначајни ориентални чаршии на Балканот, сочинувајќи комплекс од три функционално поврзани објекти: ан (карван-сарај) - објект за сместување луѓе, добиток и стока, амам - јавна бања за капење и џамија. Таа претставува единствен споменик на културата во Македонија во кој се препознава наследството од повеќе култури и цивилизации кои учествувале во нејзиното создавање.

alt

Старата чаршија сведочи за културата на Ориентот, развиена и култивирана од жителите на Скопје. Во Чаршијата денот е исполнет со интересни активности. Невозможно е да не се посетат бројните ќебапчилници и чајџилници. Чаршијата изобилува со културно-историски споменици: анови, амами, џамии, безистен. Некои од овие објекти се претворени во уметнички галерии, изложбени простори, музеи, а во дел од нив се сместени ресторани и продавници. Тука се Музејот на Македонија, Музејот на Старата скопска чаршија, Националната уметничка галерија, а „жива атракција“ се дуќаните на занаетчиите кои сé уште работат на традиционален начин.