Дојранско Езеро

alt

Поради топлината и реткиот начин на ловење на далеку познатата риба, Дојранското езеро е посетено туристичко подрачје во Македонија. Езеро се наоѓа во југоисточниот дел на Македонија, на север заградено со Беласица и Боска Планина, на запад со планините Дуб и Кара Балија, на исток со Крушава, а на југ е отворено по долината на реката Ѓолаја на грчка територија преку која истекува. Езерото зафаќа површина од 43,1км2, од која поголемиот дел се наоѓа во Македонија, а останатиот во Грција.

Нивото на езерото е на надморска височина од 148 метри, а високите температури на воздухот и водата во езерото се условени од близината на Егејското Море. Температурата на водата во езерото достигнува до 27°С, со провидност на водата од 1 до 3,6 метри. Езерото се храни со вода од подземните извори, како и од Голема Река, Топлец и други.

alt   alt

Дојранското Езеро е создадено во неогено-квартерниот период и има тектонско-вулканско потекло. Всушност, тоа е реликтен остаток од некогашното плеистоценско Пеонско Езеро, кое зафаќало површина од околу 127 км2. Во Дојранското Езеро се регистрирани 12 фаунистички ендемити. Од 15 видови риби, еден вид претставува локален ендемит.

alt

Дојранското Езеро е познато по традиционалниот начин на ловење риби со помош на птици во огради од трска, т.н. мандри. Тоа е прастар начин на рибарење, единствен во светот. Со самото присуство, птиците ги тераат рибите кон специјалните огради од мандрите, од кои рибите не можат да избегаат.