Охридско Езеро

 alt

Според начинот на настанување, Охридското Езеро претставува реткост во светски рамки. Настанало со вертикално пропаѓање на почвата, што е случај со релативно мал број езера во светот. Меѓу другите, така настанало и најдлабокото Бајкалско Езеро во Сибир, во Русија, кое е стотина пати поголемо од Охридското. Водите на двете езера ги населува сличен ендемичен растителен и животински свет.

Охридското Езеро со право го заслужува епитетот „македонско слатководно море“, не само поради топлата сина боја, поинтензивна и од небесното синило, туку и поради површината од 358 км2. Охридското Езеро е сместено во котлина, од сите страни опкружена со планини, чии врвови често надминуваат 2000 метри надморска височина. На источната страна се наоѓаат планините Петрино и Галичица со врвот Магаро (2255 м). Планината Галичица ја дели Охридската и Преспанската котлина. На јужното крајбрежје на езерото се наоѓаат албанските планини. Така, се добива впечаток како за морски залив или истргнато парче морска широчина фрлено меѓу високите планини на надморска височина од 695 метри. А, над езерото, на неговиот северен брег, како посебен декор се издигнува древниот Охрид, сместен на двоен рид, чија највисока точка - Самуиловата крепост, се наоѓа на околу 800 метри надморска височина.

alt alt alt

Најголемата должина на Охридското Езеро изнесува околу 30 км. Неговата широчина е различна - од максималната 15 км до средна широчина од 11 км. Најголемата длабочина од 286 метри е измерена меѓу селата Пештани и Трпејца, на околу 5 км од езерскиот брег. Средната длабочина на езерото е 151м. За бистрата вода, чија провидност изнесува и до 22 метри, што претставува вистинска реткост, помагаат бројните подводни врутоци и изворите по должината на источниот и јужниот брег. Најголемиот број извори се подземни притоци од соседното Преспанско Езеро, кое се наоѓа на поголема надморска височина, исто така создадено со тектонско поместување на почвата. Најпознати извори се охридските Студенчишта, попознати како Билјанини извори, кои се наоѓаат во непосредна близина на градот. Силни извори има и околу манастирот Свети Наум, 29 км јужно од Охрид, кои излегуваат од варовитите спили во подножјето на Галичица. Најпрвин водата се собира во едно живописно езерце, кое во текот на своето постоење формирало и две мали живописни островчиња. Кристално бистрата вода од езерцето преку една куса и брза рекичка се влева во Охридското Езеро. Кај Струга, водата на Охридското Езеро истекува низ реката Црн Дрим, која во Албанија се влева во Јадранското Море.

Речиси правилниот елипсоиден облик на езерото овозможува од безброј места со поглед да се опфати целата негова живописна површина. Од манастирот Свети Наум па сè до селото Радожда на спротивниот брег, по водата се протега невидлива гранична меѓа, која езерото го дели на два дела. Две третини од неговата површина припаѓаат на Република Македонија, а една третина на Република Албанија.

alt

Со својата единствена флора и фауна, Охридското Езеро претставува еден од најголемите биолошки резервати во Европа. Уште првите научни истражувања, кои во Охридското Езеро биле вршени во текот на XIX век, откриле дека во него, како едно од најстарите езера на нашата планета, се зачувал прастар жив свет кој на други места воопшто не постои или се среќава само во форма на фосили. Исклучително значење имаат охридските риби. Рибната фауна на Охридското Езеро ја сочинуваат 17 видови, кои им припаѓаат на три групи: пастрмки, бели риби и јагули.

alt   alt

Бреговите на Охридското Езеро биле населени од предисториско време. Најстарите археолошки населби датираат од неолитскиот период, околу 6000 години п.н.е. Само на македонската страна од сливот се откриени повеќе од 170 археолошки места. Охридското Езеро се карактеризира со богата историја, култура, археолошки наоѓалишта и природна убавина. Благодарение на ваквите особености, во 1980 година Охридското Езеро и градот Охрид се прогласени за светско културно наследство под заштита на УНЕСКО.

alt