Национален парк Галичица

alt 

Националниот парк Галичица се наоѓа во крајниот југозападен дел од Република Македонија и зазема положба меѓу двете езера - Охридското и Преспанското. Се протега на површина од 22.750 ха. За заштитен простор е прогласен во 1958 година.

Галичица се одликува со мошне богат и разновиден растителен свет - некаде преку 1000 видови, меѓу кои голем број реликти и ендеми. Единаесет од нив можат да се сретнат само на оваа планина. Галичица претставува класично наоѓалиште за 20 видови виши растенија, од кои 12 видови се познати само за оваа планина и за крајбрежјето на Охридското и Преспанското Езеро, така што претставуваат локални ендеми. Од животинскиот свет регистрирани се 26 ендемични видови, а посебно интересна е бројноста на пеперудите - 1644 видови, што претставува огромна концентрација за толку мал простор.

alt   alt

Од природните убавини доминираат пештерите Волја, Самотска Дупка и Наумова пештера. Најдолга меѓу нив е Самотска Дупка, со канал од 279 метри. Отсеците Магаро, Лако Сигној и Голем Врв и двете циркни езерца под врвот Магаро го надополнуваат мозаикот на природните богатства во Националниот парк Галичица. Од културно-историските знаменитости, концентрирани во мошне голем број на овој простор, најголемо внимание привлекуваат манастирот Св. Наум, црквата Св. Богородица Захумска, пештерската црква Св. Стефан, островот Голем Град.

alt

Најатрактивен е патот кој врви низ самата планина и ги поврзува охридското и преспанското подрачје. Низ Галичица е изграден современ асфалтен пат од 80 км, кои води долж крајбрежјата на езерата и низ централниот дел, кој се искачува на 1550 м надморска височина, од каде има можност истовремено да се гледаат двете езера. Во Националниот парк Галичица се организираат пешачки тури, кои се единствен начин за запознавање со оваа планинска убавица, возбудлива прилика да се почувствува животот на бачилата и неповторливо искуство за страсните параглајдери.