Баргала

alt

Баргала, еден од позначајните доцноантички градови во Македонија, се наоѓа на 12 километри североисточно од Штип. Градот претставува тврдина опкружена со ѕидови и кули, со монументални влезови и порти, изградена меѓу IV и VI век. Со ѕидовите дебели повеќе од два метри, тврдината формира издолжен правоаголен простор. Ја изградиле Римјаните како воен логор, а потоа прераснала во цивилна населба и ранохристијански епископски центар на Брегалничкиот регион. Во V век, а особено во времето на Јустинијан I, Баргала го достигнала својот врв, но кон крајот на VI век во неколку наврати настрадала при аварските и словенските освојувања. Градот не бил потполно напуштен, но опстојувал како неурбанизирана населба. Во средниот век се оформува нова населба, чиј белег е црквата „Св. Ѓоргија“ од втората половина на IX век, околу која е откриена некропола.

alt   alt
alt   alt

Во северозападниот агол на тврдината речиси во целост е откриен епископиумот на градот, епископска базилика со дворен простор, во кои се наоѓа крштелница со мозаички површини, а делови од мозаик се сочувани и во просторот на бањата. Базиликата е подигната кон крајот на IV век, а обновена во V и VI век. Објектот е примерок од стандардниот тип на старохристијански градби од Балканскиот Полуостров и Медитеранот. Од внатрешноста на базиликата, особено впечатливи се подовите обложени со камени плочи, освен северниот, што бил решен со полихромен мозаик. Како најубав се издвојува подот од презвитериумот, обложен со бели и сиви плочи. Објектот изобилува со богата архитектонско декоративна пластика, меѓу која особено се истакнуваат мермерните капители, украсени со глави од лавови и лисја од винова лоза, како и неколку парапетни плочи.

alt   alt

Резервоарот за вода и двете бањи (доцноантичка голема и мала бања) во Баргала претставуваат добро сочуван комплексен објект со поединечни простории меѓусебно функционално поврзани. Во Баргала се откриени и делови од стопански и станбени објекти.

Благодарение на археолошките ископувања, денес во Баргала може да се види базиликата, резервоарот за вода, импресивната порта и голем дел од инфраструктуpaта на градот. Дел од градскиот бедем и главната порта се целосно конзервирани. Досега е истражена само една десетина од целиот локалитет, бидејќи целиот зафаќа површина од околу пет хектари.