Манастир Св. Јован Бигорски

alt

Манастирот „Свети Јован Бигорски“ бил основан од монахот Јован во 1020 година. Во XVI век бил разрушен од страна на Отоманската власт и од целиот комплекс останала само мала црква. Повторно бил обновен во 1743 година. Името на манастирот се поврзува со тоа што објектот бил изграден од бигор.

Бигорскиот манастир го сочинуваат манастирската црква посветена на Јован Крстител, костурницата сместена до самата црква, сејменската одбранбена кула, комплексот манастирски конаци, како и новоизградените гостински конаци.

Манастирот „Свети Јован Бигорски“ е надалеку познат по својот иконостас, изработен од Петре Филиповски - Гарката од селото Гари, заедно со брат му Марко Филипов, Макариј Фрчкоски од Галичник и Аврам Дичов со синовите, во периодот од 1829 до 1835 година.

alt   alt

Во манастирскиот комплекс има отворено „Галерија на икони“, во која се изложени околу седумдесетина икони, кои датираат од XII век, XIII век и XIX век. Во манастирот има остатоци од црква што потекнува од XVI век, односно од XVII век и XVIII век, од која сеуште се чуваат големите икони.