Широк Сокак

 
alt

Првиот конзулат во Битола е отворен во 1851 година од страна на тогашната Австро-унгарска империја, токму на Широк Сокак. Подоцна тоа ќе го сторат Британците и Французите, а потоа доаѓаат и конзулите од Русија, Италија, Србија, Бугарија и Романија. Речиси девет децении Битола ќе биде конзулски град, до Втората светска војна, до кога во деветте конзулати во дипломатска мисија работеле стотина конзули. Битола одамна е европски и космополитски град, со европска архитектура, кои со пајтони и со 3.000 клавири го дочека влезот
XX век, ќе се пофалат битолчани.

Првите светилки на Широк Сокак ја тргнале темницата од Саат-кулата до Офицерскиот дом точно во 17 часот на 24 декември 1924 година. Тогаш сефте-корзо под светилки заеднички направиле и конзулите и граѓаните. Во тоа време на Широк сокак биле сместени и претставништва на странските компании „Сименс“, „Тунгсрам“, „Тесла“, „Сингер“, тука се наоѓала престижната кафеана „Босна“,слаткарницата на Пешиќ, кафеаната на Лазо Лесковчаник, битолската филијала на Франко-српската банка. Од тој прв конзулски период особено биле инспирирани и творците - тие пееле за конзулите, за пајтоните, клавирите, за прочуената чкембе чорба, за Влашкото маало и жолтите куќи, за љубовта. Познатиот фолклорист и собирач на народни песни професорот Илија Алушевски запишал дека за Битола се испеани 600 песни, како за никој друг град во светот.

alt   alt

Сонот на битолчани нивниот град повторно да стане конзулски се оствари со осамостојувањето на Македонија. Франција беше првата земја што отвори свој конзулат во самостојна Македонија, а по неа тоа го стори и Турција, по што следуваше отворањето на британскиот и на рускиот конзулат.

alt

Денес, на Широк Сокак се наоѓаат најголемите продавници, ресторани, театарот со операта, галерии и многу други кафулиња и клубови. Тука се сретнуваат најстарите архитектонски дела и градби на Балканот, кои го красат градот уште од турско време. Типичните турски градски куќи и прекрасни вили не се реткост во овој дел на градот. А, на самиот крај на Широк Сокак се влегува во простран цветен парк полн со дрвореди, кој води до зоолошката градина и античкото наоѓалиште Хераклеја Линкестис.