Тврдина Маркови Кули

alt

Тврдината Маркови Кули, всушност, го претставува некогашниот средновековен град на легендарниот владетел Крале Марко, син на кралот Волкашин. Опкружена со стрмни падини покриени со монументални гранитни карпи, некогашната населба се наоѓа на 120 до 180 метри висок рид. Во тврдината се откриени остатоци кои укажуваат на постоење раноантичка населба - Керамија. Во римскиот период, оваа мала селска населба се проширила во југозападното подрачје, за што сведочат пронајдените мермерни украси од една ранохристијанска базилика. Населбата била сместена јужно од акрополата, на околу 3,6 хектари. На нејзиниот северен ѕид до денес стои двојна порта, како и голема стражарска куќа, поставена помеѓу влезовите. На јужниот ѕид стојат добро сочувани три кули.

alt   alt

Обѕидието на овој терен потекнува од XIII до XIV век и се наоѓа во добра состојба. Ѕидовите се со широчина од околу еден метар, изградени од послаб варовнички малтер и се потпираат на големите варовнички карпи. Акрополата била поделена на помали простории со внатрешни преградни ѕидови. Тука се наоѓал и дворецот на кралот Волкашин и Марко. Во западниот дел се наоѓаат гробови всечени во карпа. Во XIV век овој дел служел како привремено прибежиште на околните жители од турската наезда.

alt

По смртта на кралот Марко, во 1395 година, оваа населба била заземена од турската стража, поради што животот во неа згаснал во целост. Според некои историски наоди, оваа тврдина до втората половина на XIII век и подоцна ја бранеле само 40 војници. Жителите на некогашната населба свое засолниште побарале во блиската околија. Така, во подножјето на Маркови Кули се развила населба со разретчена структура, поделена во неколку маала, секое со своја црква. Оваа нова населба од XIV век го добила името Варош, под кое постои и денес.