Национален парк Пелистер

alt

Пелистер е името на највисокиот врв на Баба Планина, а со своите 2601 метар надморска височина, претставува трет највисок планински врв во Република Македонија. Често, името на врвот Пелистер се користи и како име за самата Баба Планина и синоним за градот Битола. Паркот се карактеризира со голем број врвови и возвишенија над 2000 метри, меѓу себе раздвоени со длабоки долини. Националниот парк Пелистер е оддалечен 15 км од Битола, 65 км од Охрид и 30 км од Преспанското езеро.

alt   alt

Основниот феномен на Паркот претставува петтоигличестиот бор „молика“, реликт од Терциерот и балкански ендемит, автохтон вид кој расте само на неколку планини на Балканскиот Полуостров. Висинската амплитуда на распространувањето на моликата на Пелистер е од 600 до над 2200 метри.

alt   alt

Од релјефните облици на Пелистер највпечатливи се т.н. камени реки. Тоа се наклони на релјефот исполнети со блокови од карпи со различен состав. Тоа се всушност наклони на релјефот исполнети со дробински материјал, составен од блокови на гранити, долерити, габрови и кварцни шкрилци, натрупани едни врз други, без никаква ориентација. Создадени се во времето кога во највисоките делови на планината владеела снежна клима, со лизгање на блоковскиот материјал по подлогата поради нејзиното наизменично замрзнување и одмрзнување. На одделни места на Пелистер, камените реки сочинуваат низа долга и до 3 км.

alt   alt

Со посебна природна привлечност се одликуваат двете глацијални езера - Големото и Малото Езеро, познати како „Горски Очи“ на Пелистер. На Пелистер растат и 88 дрвни видови, што претставува 29% од вкупната дендрофлора на Македонија. Пелистер претставува класично наоѓалиште на повеќе од 20 растителни видови, од кои два вида се локални ендемити. Од рибите, се истакнува присуството на пелистерската ендемична поточна пастрмка и пелагониската поточна пастрмка.

alt

Од  пелистерските врвови се протегаат величествени панорами на исток кон Пелагонија и Кајмакчалан, а на запад кон Преспанското езеро и Галичица.