Хераклеја Линкестис

alt

Основан од македонскиот крал Филип II Македонски, градот бил развиен воено-стратешки центар на северозападната граница на тогашната македонска област Линкесида (денешно Битолско Поле). Наоѓајќи се на најзначајната сообраќајница од тоа време, Виа Игнација, Хераклеја станува и нејзина најважна станица во регионот.

Портикот од судницата (крај на III век), во кој стојат статуите на доброчинителот и првосвештеникот на Хераклеја - Тит Флавиј Орест и статуата на богинката на правдата и судбината Немеза се првите градби кои го дочекуваат посетителот во Хераклеја. Водоводната мрежа (од почетокот на IV век) низ улицата води до Термата (од почетокот на IV век) со три простории, одлика на секојдневната димензија на човековото живеење и хигиена од тој период.

alt   alt

Малата Базилика со своите скромни димензии е само еден од христијанските храмови кој води во Големата Базилика, крај Крштелницата, но и во останатите простории на оваа импозантна градба. Подните мозаици присутни во базиликите се надоврзуваат на оние од Епископската резиденција, исполнети со илјадници ситни камчиња поставени во совршена хармонија. Претставите на подземниот и небескиот свет длабоко се чувствуваат во театарскиот комплекс. Следејќи ја конфигурацијата на теренот, неговиот архитект целосно успеал да ги вкомпонира дванаесетте редови седишта, почесната ложа, сцената и оркестарот и да ја доведе оваа градба до степен на совршенство.

alt   alt

Хераклеја Линкестис е културна ризница на Балканот. Нејзината археолошка разгледница е мошне разновидна и богата. Секој нејзин постамент ги напластува врз себе хеленистичкото време и римскиот период и ја создава единствената вистина за овој град каде наизменично се среќаваат градби од едно или друго време, каде се издигаат столбови и се протегаат мозаици на околу 160 квадратни метри. Денес Хераклеја Линкестис е значајно археолошко наоѓалиште, но и место на разни културни манифестации.