Кратовски мостови

 

Кратово е изградено со типична староградска македонска архитектура и е познато по своите кули и мостови. Поврзувајќи го левиот и десниот дел на Кратово и извишувајќи се над водите на Табачка Река, средновековните мостови привлекуваат внимание и љубопитност за посетителот. Низ Кратово течат повеќе реки: Манцева Река, Баба Карина Река и Табачка Река, кои се спојуваат во центарот на Кратово и ја формираат Кратовска Река. Кратово е град на околу 17 мостови, иако денеска сите не се во функција. Градени се од клепан камен, во облик на лак што мирно се спушта врз двата брега. Изградени над многу длабоки и стрмни речни корита, мостовите се видливи еден со друг. Најпознат е Радин мост, но со својата убавина пленат и другите кратовски мостови: Гровчанскиот, Чаршискиот, Јокширскиот, како и Горномаалскиот мост.

Радин мост   Грофчански мост

За најпрочуениот Радин мост се раскажува потресна легенда за тоа дека во темелите жива е заѕидана Рада. Според приказната, мостот го граделе деветмина браќа, но тој постојано паѓал и, за да го зацврстат, одлучиле најмладата снаа жива да ја заѕидаат. Таа имала машко дете доенче и плачејќи побарала да ѝ ја остават слободна десната града, за да може да го дои чедото. Мостот се наоѓа на Манцева Река и подигнат е во 1833 година на две високи кули, од кои едната е висока 28, а другата 29 метри.

Грофчанскиот мост се наоѓа меѓу Сарајскиот и Чаршискиот мост, низводно поврзувајќи ја Ајдучка чаршија со десниот брег на Кратовска Река. Овој мост е еден од главните комуникациски правци. Изграден е во почетокот на XVIII век од кратовската фамилија Грофчански, која се доселила од Мала Азија и била доста богата. Должината на мостот изнесува 30, ширината четири, а висината осум метри.