Смоларски и Колешински водопади

Смоларскиот водопад се наоѓа во долниот тек на Смоларска Река, десна притока на реката Струма, на надморска висина од 600 м, во реонот на селото Смолари. Вкупната височина на вертикалниот отсек на Смоларскиот водопад изнесува 39,5 метри. Водопадот е тектонски предиспониран со раседна структура, која лежи попречно на правецот на течењето на водата на Смоларска Река. На дното од водопадот е формиран џиновски лонец, чија должина во правец на течењето на речната вода изнесува пет метри, широчината му е 11 метри, а длабочината се движи од 0,5 до 0,7 метри.

alt   alt


Колешинскиот водопад е лоциран во долниот тек на реката Баба на надморска височина од 500 м. Со височина од 15 м, се вбројува во највисоките водопади во Македонија, со широчина на падот од околу 6 м. Тој е тектонски водопад, создаден во гранитни камења. Спроти Колешинскиот водопад, на оддалеченост од околу 100 метри, се наоѓаат уште неколку помали водопади распоредени во низа, високи од два до четири метри, кои припаѓаат на неговиот централен слив.

alt   alt