Стоби

alt

Стоби потпаднал под македонска власт во 217 година п.н.е., во времето на македонскиот крал Филип V. Во предримскиот период бил мал град со површина од 2,5 хектари. На преминот од старата во новата ера, кога станал римска провинција, прераснал во значаен трговски, административен, воен и културен центар. За економскиот и културниот растеж на Стоби сведочат раскошните монументални градби, меѓу кои најрепрезентативниот објект во Стоби - театарот, потоа Градската порта, објектот Kasa Romana, објектот под внатрешниот бедем и други објекти чии делови се откриени. Стоби во тоа време имал изградена инфраструктура со водоводи, јавни и приватни бањи и градски чешми.

Својот монументален изглед градот го добил во доцноримскиот период. Најзначајните откриени објекти, меѓу кои куќите на Партениус, Полихармос, Перистереј, Теодосијската палата, епископската резиденција, Куќата на ткајачот и други, потекнуваат од периодот меѓу IV и V век. Благосостојбата на градот особено се доловува преку палатите и базиликите, украсувани со фрески и мозаици, кои во најголем дел потекнуваат од V век, времето на највисокиот процут и значење на Стоби, кога станал главен град на новоформираната провинција Macedonia Secunda. Новиот град за кратко време би изграден на површина осум пати поголема од дотогашната населба.

alt   alt

Во Стоби е пронајдена синагога од IV век над остатоците од синагога од III век. Синагогата во Стоби е една од најважните археолошки откритија во јужнословенските земји во времето на антиката. Доказите за развојот на христијанството во Стоби потекнуваат од 325 година, кога стобскиот епископ учествувал на Првиот црковен собир во Никеа. Во овој период Стоби се развил како град со единствена христијанска религија во царството, при што синагогата била претворена во христијански храм. За растежот на христијанството сведочи и големиот број откриени крштелници во катедралните цркви.

alt   alt

Градот доживеал големи пустошења при нападите на Хуните и Остроготите во V век. Во VI век настрадал од земјотрес и никогаш повеќе не бил обновен. Со големиот број монументални објекти, споменици и артефакти, меѓу кои театарот, централната базилика, раноримскиот аквадукт, палатата на Перистереј, градската вила, монетоковачницата, големата бања и многу други древни споменици, Стоби денес претставува археолошки локалитет со непроценлива вредност. Неговото значење го зголемуваат сознанијата за постоење голем број сеуште неистражени артефакти.

alt

Едно од последните откритија во Стоби е позлатената мермерна глава, пронајдена при истражување на римскиот форум, кој служел како плоштад на античкиот град. Главата е пронајдена падната покрај една од засводените ниши на објектот. Иако во неколку дела, може целосно да се реконструира. Пронајдокот е единствен во поширокиот регион.