Манастир Св. Пантелејмон

alt

Манастирскиот комплекс е ограден со високи ѕидови, а во него се наоѓаат црквата и манастирските конаци. На ѕидовите на овој споменик на културата е сочувано фрескосликарство, кое се вбројува меѓу врвните дострели на византиското сликарство од времето на династијата на Комнените. Црквата била подигната од византискиот принц Алексеј Ангел син на Константин Ангел и Теодора, ќерка на византискиот император Алексеј Комнен (1081 - 1118). За подигањето на црквата во 1164 година сведочи натписот на мермерниот надвратник помеѓу нартексот и наосот на црквата.

Композицијата „Оплакување Христово“ е позната тема која се сретнува речиси во сите цркви насликани пред и по живописувањето на нерешката црква. Но „Оплакувањето“ во Нерези се разликува од сите нив, не толку по иконографските посебности, колку по извесни елементи што се покажуваат како достоинство на непознатиот зограф од Нерези. Во прв ред тоа е нагласеното истакнување на внатрешните чувства на прикажаните личности.

alt

Св. Богородица е насликана како мајка која плаче над својот мртов син. Нејзиното лице покажува болен израз на длабока болка. Нејзиниот поглед е вперен во лицето на мртвиот син кого што го држи во драматична прегратка. Богородица во оваа композиција не е познатата мајка од постариот живопис, која со крајно воздржани гестови, со лесно наведната глава или само со малку крената рака ги искажува внатрешните чувства. Нерешката Св. Богородица плаче, нејзината болка ги раскинува срцата.