Соборна црква

 

Каменот-темелник на Соборната црква е поставен во 1972 година, а осветувањето е извршено по повод 1150 годишнината од раѓањето на патронот Св. Климент Охридски, на 12 август 1990 година. На просторот околу црквата можат да се соберат околу 6000 верници.

Во внатрешноста на црквата особено внимание привлекува иконостасот направен од дабово дрво. Основен мотив на резбата е флората: лозови листови, афионови булки и желади. Димензиите на иконостасот се 19,5 метри должина и 12,5 метри висина. Прв пат во светот Исус Христос е насликан на површина од 70 m², при што пречникот на едно око му е 1,5 m. Отстапувањето од каноните е тоа што пророците, наместо во стоечка положба се насликани во седечка положба. Второ отстапување од црковните канони е што се оставени големи прозорци.

  

На 45 метри висока камбанарија што се наоѓа во дворот, лево од главниот влез на црквата, се поставени три камбани, тешки од по 1000, 500 и 300 килограми. Фонтаната пред црквата е подарок од Исламската верска заедница.

Во дворот на Соборниот храм на 12 август 2007 година е поставен споменикот на архиепископот господин господин Доситеј, првиот поглавар на возобновената Македонска православна црква. Споменикот е висок околу два метра, а архиепископот Доситеј е претставен во природна големина.