Манастир Св. Архангел Михаил

alt

Темелите на првиот женски манастир во Берово се подигнати дваесет години по изградбата на манастирската црква, околу 1840 година. Во својот најголем подем манастирот броел и до шеесет монахињи, со развиена економија, богословско училиште, ткајачница. Сестринството на манастирот и сега изработува икони во византиски стил за иконостаси. Некогаш надвор од градот, денес женскиот манастир посветен на Св. Архангел Михаил се наоѓа на излезот од Берово, на патот што води кон браната и езерото.

alt   alt

Во манастирскиот двор доминира црквата со големиот трем и со архитектурниот опус од XIX век. Тремот е направен од масивни дабови столбови поврзани со полукружни дрвени сводови, долг е 9,5 метри, а вкупната должина на црквата со тремот изнесува 31,5 метри. Ликовите на светителите се насликани во стил што отстапува од византиските канони. Од првобитниот иконостас сочувана е само една икона со претставата на Светиот пророк Ное, изработена во 1818 година. Во црквата има вкупно 72 икони од XIX век.

alt

Конакот е разигран и привлекува со топлината на дрвото обликувано во староградски стил од XIX век. Во манастирската библиотека се чуваат голем број книги и текстови од XIX и XX век. Денес во манастирскиот комплекс е сместен музеј, во кој се изложени фотографии, документи, географски карти и старо оружје од историјата на Малешевијата. Од источната страна на црквата се наоѓа отворена манастирска градина. Во тој дел од манастирскиот двор, во 1974 година, при нивелирањето на теренот се откриени четири јами. Јамите се од средновековно словенско потекло и служеле за складирање жито (т.н. амбари).