Кратки препораки за трајни сеќавања...


Почнете од Куманово, разгледајте го градот со неговиот центар, градскиот музеј, спомен-костурницата, споменикот на Батко Ѓорѓија, а потоа во непосредна близина посетете го манастирот Св. Ѓорѓија во селото Режановце, манастирот во селото Орашец, бањата Проевце. Посебен ден посветете за прошетка и посета на манастирот Успение на пресвета Богородица во Матејче, долината на Липковска Река и езерата Липково и Глажња.

По патот за Куманово и Крива Паланка ќе ве пресретне простор со посебно интересни природни објекти. Станува збор за вулкански купи во селото Старо Нагоричане, црквата Св. Ѓорѓија во Старо Нагоричане, а малку понатаму мегалитската опсерваторија и археолошки локалитет Кокино. На враќање, покрај патот за Крива Паланка, навратете во локалитетот Етносело, освежете се и одморете се.

Патот ве води кон Кратово, градот на тврдини и мостови, специфична стара архитектура, со интересни објекти околу него. Во близина се и локалитетот Куклица и возвишението Здравчин камен.

Ако продолжите по патот за Крива Паланка, попатно ќе го видите Славишко поле со прекрасни национални ресторани во близина на Ранковце, а круна на вашето патување нека биде манастирот Св. Јоаким Осоговски, во чиј комплекс можете да се одморате и уживате во прекрасниот природен пејзаж.

Ако сте љубители на планината, продолжете нагоре од манастирот, посетете го локалитетот Калин Камен, освојте го Царев Врв на Осоговските Планини и ставете ги на дланка Кочанската и Кривопаланечката Котлина.