Кратки препораки за трајни сеќавања...


Градот Штип е познат уште од античко време, со голем број културно-историски споменици, во кои се одвивале различни случувања со историски карактер. Вредно е непосредно да се посети калето Исар, бањата Кежовица, археолошкиот локалитет Баргала, црквата Св. Јован Крстител, безистенот. Посебен ден можете да посветите за посета на планината Плачковица со услови за удобно сместување во планинарскиот дом Вртешка.

Особена би била прошетката по Овчеполската рамница, со посета на Св. Николе и врвот Градиште со локалитетот Ѓуриште, каде што се наоѓа манастирот Св. Богородица со погодни места за излет и рекреација.

На прошетката по живописната долина на Зетовска Река непосредно ќе го видите Злетово и Пробиштип, познати рударски центри од многу одамна, како и локалитетот Лесново со прекрасниот манастирски комплекс Св. Гаврил Лесновски. Тука сте во можност да ја видите експлоатацијата и изработката на воденички камења и да уживате во широките пејзажни видици од Лесновскиот кратер.

Продолжувајќи низ Кочанската Котлина, уживајте во несекојдневниот пејзаж од оризови полиња. Кочани е еден од најуредените градови во Македонија, во чија близина се наоѓаат селото Мородвис со археолошките наоѓалишта околу него, Кочанската бања и езерото Гратче, каде може во прекрасна природа да се одморите и да преноќите.

Ако сакате посвеж планински воздух, не пропуштајте да го посетите локалитетот Пониква на Осоговските Планини, каде попатно може да го видите и манастирот во близина на селата Нивичани и Пантелеј.

Посебна атракција се градот Виница со археолошкиот локалитет Виничко Кале, населбата Блатец, планинскиот локалитет Бел Камен и угостителските објекти покрај реката Осојница, како населбата Истибања. Патот ве води кон Македонска Каменица и Делчево - центрите во областа Пијанец, со локалитетите Голак, Нов Истевник, манастирскиот комплекс во близина на Делчево.

Посебен ден е потребен за посета на областа Малешево. Таму можете да ги разгледате градовите Берово и Пехчево, изворишните делови на реката Брегалница, манастирот во Берово, Ратевското Езеро, менталитетот на Малешевци, нивната душа и гордост.