Кратки препораки за трајни сеќавања...



Неминовно е да се посети Битола, градот на конзулите, со сите нејзини знаменитости од историското и културното минато и сегашност. Тука ќе го видите Широк Сокак, прекрасната црква Св. Димитрија, безистенот, саат-кулата.

Во непосредна близина на Битола се наоѓаат локалитетите Нижеполе и Копанки, опремени со сместувачки капацитети, прекрасни за излетнички и викенд-туризам, планинарење и зимски спортови. Над нив се издига Пелистер (2601 м), секогаш атрактивен за освојување, кој заедно со Малото и Големото глацијално езеро, како и раритетната молика, е вистински рај за планинарски спортови и излетничко-рекреативен туризам. Пелистер е опремен со соодветни планинарски домови, со планинарска култура и традиција.

Посебна атракција е релацијата Битола - Крушево. Попатно треба да се посети Смилево, седиштето на историскиот Смилевски конгрес, потоа Демир Хисар, манастирот Св. Јован Претеча во Слепче, женскиот манастир Св. Атанасиј во Слепче, со мноштво угостителски објекти. Патот продолжува кон историското Крушево, местото на Илинденското востание, за каде неминовно треба да резервирате два дена. Тука ќе ги посетите историскиот локалитет Мечкин Камен, бројните цркви, споменици, музеи и галерија, Демировата корија и споменикот на Слива, но неизбежно и манастирот Св. Преображение на Бушева Планина. Непосредно под градот е манастирот Св. Спас опремен со конаци и други придружни објекти во функција на посетителите.

Во Прилеп и Прилепско треба да ги посетите саат-кулата, чаршијата, црквите, Могилата на непобедените, споменикот на Александар Македонски, манастирот Трескавец, Марковите кули. Тука се наоѓаат поголем број китни села со посебна македонска култура и традиција - звучен и материјален фолклор.

Посебна атракција би била прошетка низ Мариово, простор со особен пејзаж, можност за несекојдневни доживувања, особено за оние кои прв пат доаѓаат таму. Прошетајте по Мариово, Селечка и Бабуна планина и уживајте во разните форми на природата. Кога ќе се вратите со денови ќе раскажувате и ќе се присетувате.