Кратки препораки за трајни сеќавања...

 

Со прекрасните тектонски езера и богатство од културно-историски споменици, овој простор бара повеќе денови за да се доживее и запознае. Во стариот дел на Охрид се наоѓаат знаменитости со цивилизациски димензии: црквата Св. Софија, Св. Климентовата црква, манастирот Канео, Плаошник, Самуиловата тврдина, античкиот амфитеатар, галерии, музеи.

Околу Охридското Езеро неодминлива е трасата покрај езерото од Охрид до Св. Наум, каде попатно се сретнуваат голем број туристички населби, езерски плажи, туристичко-угостителски објекти, кампови, археолошки наоѓалишта и сл. Круна на патувањето е манастирот Св. Наум со природните извори на изворското езеро Острово.

Посебен ден е потребен за да се посети Струга, градот на истекот на Црн Дрим од Охридското Езеро, град со засебна традиција и култура, полн со културно-историски споменици. Во непосредна близина е манастирскиот комплекс Калишта, врутокот Шум, Вевчани со Вевчанскиот карневал и Вевчанските извори и археолошките наоди во с. Октиси.

Преминете кон Преспанското Езеро, каде посебно заслужуваат да се посетат локалитетите Отешево, Претор, Крани, населбите Љубојно и Брајчино, манастирот Курбиново и, секако, градот Ресен.

Во овој предел се наоѓаат величествените планини Пелистер, Галичица и Јабланица. Пелистер и Галичица се национални паркови, но Јабланица со своите прекрасни глацијални езера и високопланински пасишта и врвови со ништо не заостанува зад високиот Пелистер и разновидната Галичица.