Кратки препораки за трајни сеќавања...


 

Регион со изразити планини, густо населена рамница, два големи града, културно-историски објекти. Не пропуштајте посета на Тетово и објектите како Шарената џамија, Арабати Баба теќе, калето, чаршијата, пазарот, а поминете и во Гостивар, град на гостопримство во чија непосредна близина се наоѓа локалитетот Вруток (изворот на најголемата македонска река Вардар) и пештерата Ѓоновица во близина на селото Горно Ѓоновица.

Посебен ден за посета е потребен за Лешок и манастирот „Св. Атанасиј“, селото Вратница, а може да се одлучите и за освојување на врвот Попова Шапка на Шар Планина.

Во изобилството од природни и изградени објекти на овој простор задолжителна е прошетката во Маврово и околу Мавровското Езеро.

Еден ден би бил вистинско уживање за посета на планината Бистра со нејзините пространи пасишта, понорот Тони Вода, селото Галичник со Галичката свадба на Петровден, традиционалните бачила со најквалитетното сирење и кашкавал и студена планинска вода.

По Маврово, продолжете по кањонот на Радика, посетете го монументалниот манастир Св. Јован Бигорски и населбите по долината на Радика со неисцрпната култура и зачувана традиција. За похрабрите овде е врвот Кораб (2764 м), највисок во Република Македонија. На пат ќе ве сретне бањата Косоврасти, манастирот Рајчица, градот Дебар и бањата Бањиште. Треба да се одвои посебен ден за да се доживее заезерената клисура на Црн Дрим со езерата Шпиље и Глобочица. Така, полека ќе стигнете кон Охридско-преспанскиот регион.