Кратки препораки за трајни сеќавања...


Не пропуштајте да ги посетите објектите во непосредна близина на центарот на Скопје. Скопското Кале со панорамски поглед кон градот, Старата скопска чаршија со редица културно-историски споменици, музеи и галерии, Соборната црква, Црквата Св. Богородица.

Направете прошетка на Водно. Ако не сте во можност да стигнете до врвот, не пропуштајте да стигнете барем до Средно Водно. Оттаму погледајте го Скопје, посетете го манастирот Св. Пантелејмон, одморете се во некој од угостителските објекти.

Одвојте време за прошетка по кањонот Матка. Така ќе доживеете нешто несекојдневно, ќе бидете наградени од природата со мир во душата, ќе добиете нова инспирација. Тука ќе видите и кањон и река и езеро и пештери и манастири. Тука можете да видите сè.

Отидете до Катлановската бања. Се наоѓа недалеку од Скопје, на само 25 км по автопат. Ќе ве пречека комплекс од повеќе објекти со богати балнеолошки и спортско-рекреативни елементи.